Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ ги демантира тврдењата на Обвинителството дека Општината не доставила доволно документација за случајот катна гаража на „Никофон“.
Тој денеска јавно покажа документи за официјалните реакции на Обвинителството во 2015, 2016 и од 2019 година.
Во 2016-та година биле доставени вкупно 72 списи кои се однесуваат на одобренија за градње, режим, водовод, целокупна документација за предметот катна гаража „Никофон“.
Неколку пати имале и дополнителна достава по овој термин, а во 2019 година откако тој е градоначалник на Општината, на 27.09. доставиле документација до МВР, на 13.08 до ОЈО, на 15.08 дале дополнување, а на 31 октомври побарале информации од Обвинителството до каде е предметот. Одговор вели дека не добиле.
Нека ни каже Обвинителството дали сме во право за да знаеме како понатаму да постапиме. Не знам што уште треба да направам за да отворат предмет. Да земам да се самозапалам за да реагира некој, рече Богдановиќ.
За да докаже пред јавноста дека Општината презела мерки од 2015-2019 во врска со овој предмет, градоначалникот денеска презентираше кусо видео за се што е поврзано со катната гаража „Никофон“ од донесувањето на урбанистичкиот план во 2012 и јавниот повик за продажба на државно земјиште се до денеска.
Во видеото направена е и пресметка за тоа колку требало да изнесува почетната цена за продажба на земјиштето. Наместо почетна цена од 1.850 денари општина Центар смета дека наддавањето требало да почне со цена од 5.600 денари по квадрат.
Ова се нашите сомневања и сметаме дека ќе се постигнела повисока цена доколку почетната цена била 5.600 денари, рече градоначалникот.
Тој извести дека имаат најава за средба со Обвинителството следната недела на која очекува да се расчистат сите дилеми.