За претстојната зимска сезона за улиците во Скопје се обезбедени 6.000 тони индустриска сол, од кои 2.000 тони се залиха од ланската зимска служба. Обезбедени се и 300 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини, соопшти денеска Град Скопје.
Како носител на активностите за зимското одржување, од Градот информираат дека ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони од фирмата „Аполо”, кои се опремени со навигациски уреди.
– Во текот на зимската служба коловозните ленти ќе се расчистуваат според приоритетите, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот до стопанските објекти. Преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамки на програмата и своите надлежности да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни подпрограми за расчистување на јавните површини во зимски услови, стои во соопштението.
Екипите на Град Скопје во зимски услови одржуваат коловозни површини од 2.600.000 квадратни метри.