Градскиот трговски центар во Скопје доби зелен покрив. Таканаречениот термален остров, со кој се очекува значително да се намалат температурите во Малиот ринг. го отворија градоначалникот Петре Шилегов и Нарине Сахакјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
– После неколку месечна работа, заеднички ангажман со Градскиот трговски центар, а во рамки на меморандумот за соработка со УНДП за отпорен град, лоцирано место ГТЦ, конечно го ставаме во употреба новиот квалитетен јавен простор на скопјани, простор којшто сум убеден дека полека ќе си го заземе своето место во таканаречените скопски приказни и дека тука ќе се раѓаат многу убави спомени за нашите сограѓани, порача скопскиот градоначалник.
Шилегов додаде дека според истражувањата којшто се направени се очекува дека температурата на зелениот покрив ќе биде од 16 до 22 Целзиусови степени, односно пониски од порано.
На покривот засадени се околу 3.656 дрвја од различни видови. Покрај зеленилото, поставени се и неколку фонтани и базени, клупи и шаховско поле. Сумата за зелениот покрив изнесува околу 550.000 евра, а во неа се вклучени и градежните и изолациските работи.
– Се надевам дека зелениот покрив на ГТЦ ќе биде пример и ќе стане вообичаена пракса за јавните објекти, особено во центарот на градот, изјави Сахакјан.