Скопје

Героски се премисли откако се виде со инвеститорот: Нека се гради спроти Холидеј Ин – зградите ќе бидат еколошки

Героски се премисли откако се виде со инвеститорот: Нека се гради спроти Холидеј Ин – зградите ќе бидат еколошки

Главниот уредник на „Слободен печат“ Бранко Героски кој беше критички настроен за изградбата на зграда спроти хотелот „Холидеј Ин“, откако се сретна со инвеститорот Зоран Антиќ, го промени своето мислење.

Героски, кој покрена иницијатива за просторот спроти „Холидеј Ин“ да стане зелена оаза, во својата колумна насловена „Ако бидеме активни и креативни, ќе добиеме нова зелена оаза во срцето на Скопје!“ објавена на Плусинфо, пишува дека откако се сретнал со инвеститорот го променил мислењето.

Бизнисменот Зоран Антиќ, кој е инвеститор на зградата која треба да се гради, го поканил Героски да му ја презентира својата идеја.

– Човекот ме покани да ми ги презентира своите идеи и да ме увери дека неговата намера е на овој простор да никне нов центар на Скопје, најубав и најзелен на Балканот. – пишува Героски.

Героски открива дека покривот на објектот ќе биде градина, ќе има огромен подземен паркинг на два ката, модерен и урбанизиран кеј, мала „турска“ чаршија, фонтана по примерот на Порта Нова во Милано, една кула од 30 ката која ќе го носи името на Кензо Танге и неколку помали згради на рабовите на парцелата, сите опкружени со зеленило.

Еве што беше објавено на крајот на минатиот месец во „Слободен печат“, кој покрена иницијатива, наместо зграда да се изгради зелена оаза карши „Холидеј Ин“.

По средбата со инвеститорот Героски има да каже само две работи.

– Прво, плановите на Антиќ ми се чинат креативни и интересни и ќе им посветам сериозно внимание. Ако се остварат ветувањата за планираните квадрати зеленило (тоа зависи од него, но и од градските власти), мислам дека ќе ја добиеме зелената оаза што ја баравме и што ја заслужуваме. И второ, инвеститорот ми остави впечаток на човек занесен во своите идеи и како некој кому бетонот, тулите и парите веќе не му се најважната работа во животот, веројатно затоа што ги има доволно. – напиша Героски.

Инаку скопјани бурно реагираа откако во јавноста беше пренесено дека на пракингот спроти „Холидеј Ин“ ќе се градат згради.