Скопје 19. мај 2020. / 12:40

Герила акција или интервенција на градот: Поплочен приодот до спомен-плочата на Мајка Тереза

Герила акција или интервенција на градот: Поплочен приодот до спомен-плочата на Мајка Тереза

Импровизирана патека од десетина плочки од утринава водат кон спомен-плочата на Мајка Тереза. Истите се поставени во тревникот пред ГТЦ чија инвестиција чинеше 500 илјади евра. Дали станува збор за интервенција на градот Скопје или пак некој самоиницијативно ги поставил засега е нејасно.

Плочките кои се употребени се истите оние кои се користени за поплочување на јавниот простор пред влезот на ГТЦ.

Изминатиот период откако тревникот беше пуштен во употреба, а притоа не беше изведен пристап до спомен-плочата на место на родната куќа на Гонџа Бојаџиу со реакција се јавија неколку здруженија и загрижени граѓани.

Први реагираа од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците од каде порачаа дека ако единствената нобеловка од Скопје, Мајка Тереза, не е светска фигура која го претставува нашиот град и целата наша држава, повеќе од кој било друг, тогаш ние имаме сериозен проблем со тоа како ги поставуваме стандардот за проценка на ваквите личности.

– Изгледа парадоксално тоа што Градот Скопје нема моќ, па дури и толку лесно го занемарува фактот дека така се покриени трагите на нобеловката од Скопје и најголемата личност во светската историја, порача неодамна директорот на Институтот, Скендер Асани.

И граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ преку соопштение изрази загриженост поради новонастанатата состојба на споменичното место.

-Бараме доуредување на просторот пред спомен – плочата, поточно враќање на четирите месингани агли кои ја означуваат местоположбата на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза и градителот на реновираниот плоштад на тој дел веднаш да ги постави на поплочено плато кое ќе биде поврзано со патека до старата стоковна куќа, соопшти здружението.

На 14 мај годинава Град Скопје го пушти во употреба јавниот простор пред влезот на ГТЦ за кој, заедно со клупи, канти за отпадоци, целосно ново осветлување како и дрворед составен од 25 дрвја граѓаните ги чини 33 милиони денари со вклучен ДДВ или 530 илјади евра.