И покрај препораката од Влада да не се троши на непродуктивни работи, сепак дел од општините платија за украсување во своите населби.
Скопската општина Аеродром освен што годинава потроши најмногу пари за украсување, веројатно ќе се најде и во неславниот рекорд на последно украсена општина во градот.
Додека останатите скопски градоначлници, но и цел свет, во пресрет на Нова Година ги накитија своите општини неколку недели претходно, во Аеродром дури синоќа екипа на Град Скопје, на булеварот Јане Сандански, ги местеше скапо платените сијалични.
Oпштина Аеродром отскокнува од другите општини и за изнајмување на сијалички потрошиле 30.000 евра. Оваа сума е предвидена за еден месец да ја краси општината.
Граѓаните на ова реагираа дека за овие пари можеле да ги купат сијаличките и да им користат за сите наредни години. Други пак сметаат дека средствата требало да се искористат за компјутери за ученици, за училишта и ранливи категории граѓани.
Од Општината велат, дека оваа сума е за 40% намалена од првичниот план, другите средства ги вложиле за борба со пандемијата. Целта со украсувањето им била да внесат како што велат зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот, пренесе телевизија Сител.
Општина Карпош за сијалички, новогодишна елка потрошиле 10.000 евра.
Гази Баба на својот фејсбук профил објавија фотографии од украсите, но не наведуваат за колку пари.
Ниту денар не потрошиле Општините Центар, Ѓорче Петров, Кисела Вода.
Тендерот на Град Скопје годинава тежи 200.000 евра за елката и сијалички кои се поставени на булеварите, парковите и Плоштадот Македонија.