По двонеделни преговори за трајно стопирање на градбата кај „Мајчин дом“, сопственикот на парцелата, Фатмир Етеми, нема надеж дека Општина Аеродром ќе го обесштети. Тој денес по објaвата дека ги разлутил аеродромци, реши да одговори на прашањата од „Макфакс“, кои трета недела не ги одговараше, пишува Макфакс.
Вели дека се обиделе да најдат нова соодветна локација како замена за онаа пред „Мајчин дом“, но не нашле таква ниту на територија на Аеродром ниту, пак, пошироко на територија на Град Скопје.
„Општина Аеродром нема пари да ме обесштети. Буџетот е празен, сега се градат пет згради таму, а порано се градеа сто. Ние го полневме буџетот“, вели Етеми.
За да излезе во пресрет на барањата на граѓаните кои не сакаат таму да има зграда, вели дека е подготвен да преговара уште неколку недели во кои ќе ги убеди жителите дека зградата нема да влијае на загадувањето на Аеродром и дека ќе биде украс во oпштината, за потоа да продолжи со градење.
Вели дека влегол во проектот оти верувал во правна држава имајќи предвид дека целата документација му е законски издадена. Очекувал незадоволство, но не очекувал протести.