Основното јавно обвинителство Скопје направило проверки постапувајќи по предмет оформен по допрен глас во јануари годинава за кривичното дело загадување на животната средина и природата од чл. 218 од Кривичниот законик, а во врска со работењето на депонијата „Дрисла“. Во насока на утврдување на фактите биле побарани информации од Државниот инспекторат за животна средина за извршените контроли над работењето на депонијата и било констатирано дека нема загадување над дозволеното.
„Државниот инспекторат за животна средина во одговорот до надлежниот јавен обвинител наведува дека депонијата ‘Дрисла’ постапува во согласност со спогодбата постигната во Министерството за животна средина и просторно планирање, а извршените мерења во кругот на депонијата за квалитетот на амбиенталниот воздух покажале дека резултатите од мерењето се во дозволените граници според европското и националното законодавство“, информираат од ОЈО.
Сепак, и покрај ваквиот одговор, тие велат дека надлежниот јавен обвинител продолжува со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот.
Обвинителството по допрен глас во јануари отвори предмет за работењето во депонијата „Дрисла“ – Скопје за кривично дело загадување на животната средина и природата од чл. 218 од Кривичниот законик.
Тогаш, надлежниот јавен обвинител испрати барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за добивање потребни податоци во врска со досегашна извршена контрола над работењето на депонијата, како и доколку е извршена контрола, дали е констатирано почитување на протоколите за согорување медицински отпад од страна на депонијата и други информации.