Скопје 22. февруари 2020. / 04:23

Дополнителни автобуси и променет сообраќаен режим на гробиштата поради Задушница

Дополнителни автобуси и променет сообраќаен режим на гробиштата поради Задушница

Поради верскиот празник Задушница ЈСП Скопје за денеска воведува дополнителен број автобуси на редовните линии 59 (Карпош 3-Кучевишка бара/Гробишта Бутел), 59А (Ново Лисиче-Гробишта Бутел) и 59Б (Кисела Вода-Гробишта Бутел).

Поради Задушница денеска, во периодот од 6:00 до 16:00 часот на гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров, сообраќајната полиција ќе преземе посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Министерството за внатрешни работи информира дека сообраќајот во Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улицата „Александар Урдаревски“, во продолжение по локалниот пат за село Мирковци до влезот за гробиштата Бутел, потоа на улицата „Боца Иванова“ и излегување од улицата „Боца Иванова“ кон улицата „Александар Урдаревски“.

По потреба, сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробиштата Ѓорче Петров по улицата „Црногорска“, а на гробиштата „Камник“ по улицата „Јужноморавски бригади“ и улицата „Роман Каскалиевиќ“.

Од МВР апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и наредбите на униформираните полициски службеници, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.