Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска информираше дека јавните градски претпријатија за претстојната зимска сезона обезбедиле околу 4000 тони индустриска сол, од кои околу 1000 тони се залиха од минатогодишната зимска служба.
Обезбедени се и 350 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини.
-Градот Скопје и годинава, како и во изминатите четири години е подготвен за претстојната зима и зимското одржување на улиците за коишто е надлежен, а снегот и оваа година нема да ја изненади зимската служба, рече денеска Градоначалникот Шилегов.
ЈП „Улици и патишта“ е носител на активностите за зимското одржување со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал, а и оваа година Град Скопје ќе ангажира дополнителна механизација од 18 камиони од фирмата „Аполо“, кои се опремени со навигациски уреди.
– Во текот на зимската служба коловозните ленти ќе се расчистуваат според приоритетите, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот до стопанските објекти, најави Шилегов.