Градските власти годинава ќе располагаат со буџет од 7,2 милијарди денари вкупни приходи и други приливи, што споредено со 2020 година се намалува за 8,5 проценти.
Како што соопштија градските власти, во буџетот се планира и дел од вишокот на приходи остварен во минатите години, во износ од 477.000.000 денари.
-Во услови на значајно влошување на меѓународното економско окружување и голема економска криза, резултат на здравствената пандемија, буџетот на Град Скопје за 2021 година е подготвен применувајќи ги начелата на економичност, рационалност, фискална одговорност, отчетност и транспарентност, во насока да се обезбеди извршување на сите законски надлежности на Градот Скопје, со подобро буџетското планирање и извршување, соопштија градските власти.
Тие сметаат дека планирањето на средствата преку дефинираните програми придонесува за поголема транспарентност на планираните и извршените расходи како и нивно рационално користење.