Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на денешната прес-конференција информира дека нема да се гради нова населба над Трнодол и дека соседната населба Жданец, воопшто не е опфатена со Деталниот урбанистички план (ДУП).
– Морам да потенцирам дека согласно барањата на граѓаните на Трнодол од летово, ние се согласивме да одржиме нова јавна презентација и нова јавна расправа за предложениот ДУП. Од утре започнува нова јавна презентација по претходно направена јавна анкета, што значи утре нема да се носи Деталниот урбанистички план. Јас како градоначалник на Општина Карпош имав средба со седум претставници од населбата, на која присуствуваше и претставник од Градот Скопје, како и стручни лица од Општината. Од таа средба произлегоа и барања на граѓаните кои ние ги прифативме, а за сето тоа постои и уреден записник. Сите граѓани кои ќе градат согласно позитивните законски прописи, се должни да направат геомеханички истражувања на земјиштето, и доколку има потреба да постават шипови (бетонски статички конструкции), за да се направи стабилизација на земјиштето, нагласи Богоев одговарајќи на новинарско прашање за ДУП-от за Трнодол.
Тој напомена и дека локалната самоуправа изминатиот период максимално транспарентно и јавно го презентирала овој ДУП и ги отфрла сите лажни вести, повикувајќи ги граѓаните да не веруваат на политички конструкции и манипулации пласирани од поединци поради нивни лични или партиски мотиви.
Претходно во соопштение, жители од населбата Трнодол најавија се подготвуваат за протести и неколку тужби кон Општината, градоначалникот, а можеби и кон општинските и градски советници.
Во соопштението се посочува дека Општината ја закажала јавната презентација во работно време во вторник од 15:30 часот, иако граѓаните барале таа да биде во „нормално време“ по 17 часот.
– Граѓаните првата јавна расправа ја сметаат за неодржана и прекината поради немање на документи од страна на општината. Веќе е поднесена претставка пред Уставниот суд за преиспитување на носење на новиот регулациски план донесен во јуни 2018 година од страна на Град Скопје и каде на чуден начин е поделена населбата и споена со т.н. „Шпанско село“, а се со цел да може да се издејствува помала густина на населението. На тој начин ќе може да се вцртуваат нови градби, без ограничувања и без да се запазат законските нормативи за сообраќај и живеење, се наведува во соопштението.
Во соопштението се додава дека целата постапка е контравезна уште од самиот почеток и од градоначалникот се бара да биде совесен и разумен и да го повлече предолжениот ДУП, додека од Советот на општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје – ридовите под Трнодол и Жданец.
– За оваа опасност постои истражување од 2010 година нарачано од Општината и уште едно испитување кое реализирано од Германската амбасада. Резултатите од тие испитување се дека населбата Трнодол лежи на потенцијално нестабилна почва. Затоа задача на Општината е да го заштити ридот со пошумување, да го зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водите во каналите и да го заштити од ерозија со ново пошумување, бидејќи во овој потег има преку 120 исушени дрвја, како и да се преиспитаат сомнителните потпорни ѕидови под ридот позади двете веќе изградени згради на улица Козле, стои во соопштението.
Жители од населбата Трнодол во соопштението бараат забрана и за какво било градење во парк шумата Водно – над нивните населби, враќање, односно поништување на контраверзниот регулациски план, прифаќање на нивните барања, па дури потоа да се отвара иницијатива за нов предлог ДУП.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска на прес-конференцијата рече дека Градот стандардите и нормите за формирање регулациски планови не ги измислува и оти се стандарди пропишани во законот.
– Според начинот на кој го конципиравме регулацискиот план, таму не може да дојде до посериозно поместување во делот на развиена градежна површина, рече Шилегов.