Скопје 13. јуни 2019. / 15:37

Богдановиќ му застана на патот на Мијалков: Избришана маркицата за зградата на „СГС”

Богдановиќ му застана на патот на Мијалков: Избришана маркицата за зградата на „СГС”

Зградата на фирмата за обезбедување „СГС“ која се наоѓа спроти зградата на поранешно „Кјуби“, нема да добие висина од 8 ката, како што било вцртано со Деталниот урбанистички план „Даре Џамбаз“, пренесе СДК.мк.

Општина Центар го донесе третиот ревидиран план откако на сила е мораториумот за градба, со кој на оваа зграда се задржува постојната висина од два ката.

– Со измените зградата која сега е во сопственикот на фирмата за обезбедување ‘СГС’ требало да добие висина од 8 ката. Таа катност ја избришавме и останува постојната состојба. Измени се направени и во делот на паркот зад училиштето Димитар Миладинов, во кој според претходниот план требаше да има катна гаража. Го спасивме паркот, а катната гаража ја вцртавме на друга локација, долж Јужен булевар и ќе биде на приземје плус два ката. – објаснуваат од Општина Центар.

Според постојниот план на Јужен булевар останува маркичката за зграда која ќе ја гради Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, но има измени во однос на решението за паркирање.

– За овој објект не беа планирани паркинг места во парцелата, туку надвор. Со измените, инвеститорот мора да го реши паркирањето во рамките на маркичката за градење. Зградата ќе биде на 6 ката плус поткровје. – велат од Центар.

Инаку „СГС” се поврзува со името на екс директорот на УБК Сашо Мијалков и неговиот близок соработник Илија Тозија.

Инаку оваа компанија за обезбедување и за време на СДСМ се истакна со добивање на милионски тендери за обезбедување на државни институции.