Скопје 25. јануари 2020. / 14:08

Антовски: Дали тендерот за храна доцни поради бизнис интереси на Марин?

Антовски: Дали тендерот за храна доцни поради бизнис интереси на Марин?

СДСМ и Златко Марин со сите сили се трудат да го уништат образованието во Аеродром. Катастрофата која се случува е директна вина на градоначалникот и од него поставените директори на основните училишта, кои се покажаа како крајно неспособни кадри. Веќе цела недела во сите основни училишта во Аеродром учениците кои посетуваат целодневна настава се оставени без топол оброк, со наводен изговор дека тендерот доцни. Златко Марин цела година знаеше дека договорот со претходниот добавувач завршува на 31.12.2019 година и не презема ништо, изјави Пане Антовски, ВМРО-ДПМНЕ

Дали станува збор за некаков бизнис интерес на градоначалникот и од која причина општината чекаше до 23.12.2019 година да распише тендер, имајќи ги во предвид законските рокови за спроведување на постапката? Дали градоначалникот молчи поради тоа што постигнатата цена на спроведениот тендер е повисока од таа што досега ја плаќаа родителите на учениците? Дали и за колку ќе биде повисока цената во иднина? До сега Марин требаше јавно да каже кога ќе биде решен овој проблем, меѓутоа од него не слушнавме ниту збор за оваа катастрофална ситуација. За потсетување, Марин ветуваше поквалитетна храна за сите дечиња, а наместо тоа не добиваат никаква, изјави Антовски.

За жал ова не е единствениот скандал со образованието во Аеродром. Униформите за учениците доцнеа повеќе од три месеци, а родителите сеуште мака мачат со тој проблем. Обезбедувањето во училиштата го нема, па од таа причина сите бевме сведоци на немил настан каде што родител нападнал ученик во едно од основните училишта во Аеродром. Исто така Марин ветуваше дека обезбедувањето ќе биде на товар на општината, меѓутоа веќе 5 месеци како е отпочната оваа учебна година, единствено обезбедување се учениците, кои дежураат во училиштата. Друг сериозен проблем во Аеродром е и изградбата на нова училишна зграда на основното училиште „Димитар Македонски“. Неколку пати Марин, Министерството за образование и гласноговорниците на СДСМ најавуваа доизградба на оваа училишна зграда, но како што сите можете да забележите, тука ништо не се случува. Не е изграден ниту милиметар од новата зграда, која повеќе од три години се наоѓа во ваква состојба. Ништо подобра не е ни ситуацијата со безбедноста на учениците и жителите во населба Лисиче. Ветените гумени перничиња на бул. „12та Македонска бригада“ од Шилегов и Марин никаде ги нема. Граѓаните иако добија ветување по нивните протести, повторно се излажани, изјави  Антовски.