Навивачката група „Комити“ организираат акција за собирање облека за оние на коишто во зимските услови им е најпотребна.
Како што соопштуваат „Комити“, акцијата ќе биде спроведена во петок (17 јануари) од 12 до 18 часот, како и во сабота (18 јануари) во периодот од 10 до 14 часот во кругот на Соборниот Храм Свети Климент Охридски каде што ќе има специјално поставен пункт од страна на „Комити“.
– Секој од нас има облека во својот дом која не ја користи. Таа стои во плакарите и фиоките, понекогаш во подрумите. Има вредност, можеби емотивна или материјална, но нема и употребна вредност, затоа што ви е мала или голема, не ви се вклопува во стилот и слично. Таа облека некому е и тоа како потребна, може да му го подобри животот, да му го стопли пред се срцето, но и телото во овие студени зимски денови.
Испразнете ги плакарите и фиоките, исполнете се духовно знаејќи дека она што вам не ви е потребно, некому му е и тоа како потребно. Некој нема ниту плакар ниту фиока каде да го складира, но ќе биде и тоа како благодарен – порачуваат „Комити“.