Сцена

Охриѓани и странски туристи со протестен перформанс во заштита на градот и крајбрежјето

Охриѓани и странски туристи со протестен перформанс во заштита на градот и крајбрежјето

На протестот граѓаните побараа од Општина Охрид итно да се заложи за прогласување на мораториум според шестата препорака на УНЕСКО, како и да се заложи за поништување на Општиот акт за Лагадин најмалку преку стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови, како и преку известување на Уставниот суд за својата заложба.

Кон протестниот перформанс во организација на Охрид SOS и здружението „Стар Лагадин“ и поддржан од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., се приклучија и туристи од Белгија, Италија, Франција, Русија, Молдавија, Грузија, Србија итн. кои во моментот се на летување на охридското крајбрежје. Меѓу нив, и балерината Гарсиа Елена од Бољшој театар која изведе дел од сцената умирање на лебедот од балетот „Лебедово езеро” на П. И. Чајковски. Подигањето на црните згради со црвени покриви ја симболизираше разуларената урбанизација, која го „убива“ лебедот како симбол на убавината и сето живо во природата, како симбол на Охридското Езеро. На крај лебедот умира од тие монструми коишто се надвиснати над него.

Поетот Бруно од Франција, пак, рецитираше поема која специјално ја составил за Охридското Езеро – „Охридско Езеро те сакаме, Охридско Езеро те браниме, Охридско Езеро ќе те спасиме, Охридско Езеро наше, Охридско Езеро на УНЕСКО, на Македонците, на Европејците, на Африканците, на Американците, на Австралијците, на Азијците…”.

Во одбрана на можеби најважното и највредното обележје на земјата, еден од нејзините најзначајни заштитни знаци, единственото место со УНЕСКО статус, организаторите на протестот побараа да престане префрлувањето на одговорноста меѓу државната и локалната власт и итно преземање на сите потребни чекори за целосно спроведување на шестата препорака на Реактивната мисија на УНЕСКО – прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, додека не се прифати соодветна правна регулатива и се воспостават ефикасни механизми за контрола.