Американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет прв ја напушти зградата на косовското Собрание, каде што одржа состанок со парламентарниот спикер Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај во врска со таксата за увоз на стоки од Србија и Босна и Хрцеговина, но не даде никаква изјава за медиумите за исходот од разговорите, јави дописникот на МИА од Приштина.
По Коснет, од кабинетот на Весели излезе и Харадинај, кој исто така не даде информации за текот на разговорите и нивниот исход.
Претседателот на косовското Собрание, Весели денеска беше домаќин на состанокот на Харадинај и амбасадорот Коснет, на кој, според најавите, е разгледано американското барање упатено до косовската Влада за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и БиХ.
Харадинај до сега беше упорен во ставот дека владината одлука ќе остане во сила се додека Србија не го смени односот кон Косово и не ја признае неговата независност. Меѓутоа, последните денови се повеќе расте притисокот за укинување на таксата, како од надвор, така и од внатре.
Освен од САД и Европската унија, се позачестени се барањата и од самите членови на Владата и од коалициските партии, како и од претседателот на државата Хашим Тачи, кој очекува таксата веднаш да се укине за да можат да продолжат и да се финализираат преговорите со Србија за нормализација на односите меѓу двете земји