Регион 25. декември 2019. / 20:15

Завршени се работите на гасоводот „Турски поток“ преку Србија

Завршени се работите на гасоводот „Турски поток“ преку Србија

Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ изјави дека се завршени работите на 403 километри долгиот гасовод „Турски поток“ преку Србија, од границата со Бугарија до границата со Унгарија.

– Под Дунав, Тиса, Морава, сите канали, премини, цевките се поврзани. Очекуваме да ја завршиме работата и на мерните станици. Планирано е првите 308 километри до Србија да бидат завршени до мај следната година, а сè треба да биде готово до 2022 година – изјави Бајатовиќ за РТС, додавајќи дека останува уште Бугарија да си го сработи својот дел, но дека тука постојат одредени проблеми.

Бајатовиќ додаде дека Србија ќе има три излези со гасовод – кај Параќин, Белград и Зрењанин.

Тој истакна дека „Турски поток“ е комерцијален проект и дека сите капацитети се веќе целосно распродадени.