Регион 04. јуни 2020. / 10:34

Грчка загриженост по пристигнување на заразени патници од Катар: Затворање на границите ќе ја скрши економијата

Грчка загриженост по пристигнување на заразени патници од Катар: Затворање на границите ќе ја скрши економијата

Откако е утврдено дека од 91 патник, кои во понеделникот слетаа со „Катар Ервејс“ во Атина, 21 се позитивни на корона вирусот, поради што се запрени летовите до средината на јуни, а на сите патници, било да се позитивни или негативни на Ковид-19 им е одредена мерка карантин, се огласија и грчките лекари.

Знаевме дека може да дојде до вакви случаи. Ќе видиме што ќе се случува во текот на летото – изјави професорот Николас Сипсас, експерт за заразни болести.

Тој за АНТ1 телевизијата рече дека вакво нешто може да се случи, бидејќи тоа се ризиците од повторното отворање на границите.

Најсигурно би било да не се отвораат границите, но тоа, од друга страна би било погубно за економијата. Прва работа која треба да ја направиме е да ги поделиме земјите на оние со поволна и неповолна епидемиолошка ситуација, односно на сигурни и несигурни категории. Тоа создава дипломатски притисок, но нам приоритет ни е јавното здравје – вели Сипсас, кој е еден од членовите на грчкиот кризен штаб за борба против корона вирусот.

Патниците кај кои е потврден вирусот се изолирани и според одлуката на Владата ќе поминат 14 дена во хотел во карантин. Најмалку двајца од нив се членови на австалијанско-грчката заедница кои традиционално престојуваат во Грција преку лето. На патниците кои не се заразени исто така им е одреден карантин, но во траење од седум дена, по што ќе им биде направен уште еден тест. Ако биде негативен, мерката за изолација ќе им биде укината.

Грција во понеделникот соопшти дека ќе ги покрие сите трошоци за сместување на туристите позитивни на корона вирусот. Минатата недела Кипар, чие економско опоравување исто така зависи од туризмот, објави слични планови.

Наша цел е да обезбедиме максимална безбедност за населението и посетителите, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас.

Според Гардијан, Грција успеа да одржи ниска стапка на заразени и да тргне кон ублажување на мерките од 4.мај. Строгото спроведување на мерките на почетокот од епидемијата резултираше со тоа што Грција забележа помалку од 3.000 заболени од Ковид-19 и 179 починати, што е една од најниските стапки на смртност во Европа. Но, епидемијата ја уништи и онака кревката економија и тоа тогаш кога почнаа да се покажуваат знаци на опоравување по речиси една деценија.

Атинската управа потсети дека сите летови ќе бидат можни од 15 јуни.