Регион 15. јули 2020. / 10:06

За влез во Грција туристите ќе мора да покажат негативен корона тест на англиски јазик

За влез во Грција туристите ќе мора да покажат негативен корона тест на англиски јазик

Грција воведе нови правила за туристите од земјите кои имаат дозволен влез во Грција, а кои на грчка територија ќе влезат од Бугарија, односно од граничниот премин Промахонас (Кулата). Новите правила стапија на сила од денеска, поредвидуваат поседување задолжителна потврда на англиски јазик за негативен тест за Ковид-19.

Одлуката за воведување дополнителни мерки е донесена откако во изминатиот период беше зголемен бројот на „увезени“ позитивни случаи, особено од конкретниот граничен премин со Бугарија, што воедно е и единствениот отворен за туристи.

Туристите ќе треба да поседуваат потврда дека во период од 72 часа пред патувањето имаат направено молекуларен тест ПЦР во државна или приватна лабораторија, сертифицирана од надлежната служба на земјата, а резултатот да биде негативен.

Во потврдата на англиски јазик, треба да бидат вклучени име и презиме, број на пасош или лична карта.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот истакна дека потврдите детално ќе се проверуваат, а во случај на „неавтентичен, фалсификуван документ ќе се воведат предвидените санкции”.

Сите туристи, независно од начинот на кој пристигнуваат во Грција, потребно е да го имаат пополнето и специјалниот образец ПЛФ (Passenger Locator Form), преку интернет страницата https://travel.gov.gr, најдоцна претходниот ден пред патувањето, а не во период од 48 часа како што важеше претходно.

Истовремено, од денеска стапува во сила уште една одлука на официјална Атина – дозволени се директните летови од Велика Британија кон Грција.

Пецас во понеделникот објасни дека во периодот од 1 до 11 јули на влезните точки во земјата биле направени 67.797 тестови, од кои 218 (0,35 отсто) биле позитивни, но бројот на туристи заразени со Ковид-19 бил четири пати поголем на Промахонас, отколку на пример, на атинскиот аеродром.

Националната организација за јавно здравје на Грција вчера соопшти за 58 нови случаи на Ковид-19, од кои 28 се по направените тестови на влезните точки во земјата, додека, пак, уште шест позитивни случаи се кај туристи, но кои доброволно се тестирале за време на нивниот престој во земјата.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 3.883 случаи на Ковид-19.