Регион 15. април 2020. / 15:23

За помалку од два месеци прометот во грчките супермаркети зголемен за 30 отсто

За помалку од два месеци прометот во грчките супермаркети зголемен за 30 отсто

Антисептици, додатоци на исхрана, влажни марамчиња и етил алкохол се главните производи за кои има зголемена побарувачка и купување од потрошувачите во грчките супермаркети според податоците од компанијата за истражување на пазарот „IRI“, пренесени од грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во синџирите супермаркети во Грција, во периодот меѓу 24 февруари и 5 април 2020 година, за 30 отсто е зголемен прометот во споредба со истиот период лани, согласно резултатите од спроведеното истражување, а вкупниот промет на продукти од 340 категории достигнува до 883,8 милијарди евра.

Од 340-те категории, 168 се прехранбени продукти, 41 се производи за домаќинства (49,3 отсто раст на продажбата), 45 производи за лична хигиена (39,4 проценти раст), а 86 сè останато (6,4% раст на продажбата).

За конкретниот период, најголема побарувачка имало за антисептички гелови, каде прометот бележи пораст од 419 отсто, потоа следат додатоците во исхраната со зголемување од 354 проценти, етил алкохолот со пораст од 334 отсто и влажните марамчиња со зголемување од 329 проценти.

Од почетокот на пандемијата, Грција се соочи со недостиг на антисептици, а сега, во маркетите воведени се правила и ограничувања, односно секој потрошувач може да купи најмногу две пакувања.