Регион 06. февруари 2020. / 12:57

За еден ден температурите во Грција паднале за 18 степени

За еден ден температурите во Грција паднале за 18 степени

За 24 часа во северниот дел на Грција температурите паднале за дури 10 до 18 степени.

Како што соопшти грчката Национална опсерваторија, најголема температурна разлика била забележана во Лерин, каде што температурата од вторникот до средата паднала за 18 степени. Во Козани и Птолемаида за истиот период, бил регистриран пад од 16 степени, а во Кукуш, Драма и Серес за 13 степени.

Студениот бран што од завчера ја зафати Грција, донесе и силен ветер, а на островот Евија вчера наутро ветерот бил со јачина од 164 километри на час.

Поради снегот и денеска се затворени дел од основните и средните училишта во неколку градови и планински села во северна Грција.

Од грчката полиција соопштија дека, поради снегот, донесена е забрана за товарни возила на дел од автопатот Атина – Ламија.