Српскиот министер за одбрана Александар Вулин порача дека претседателот Александар Вучиќ „попрво ќе умре“, отколку што ќе им овозможи на бизнисмените Драган Шолак, Драган Ѓилас и Мирослав Мишковиќ да завладеат со Србија без избори.
Во интервју за ТВ Пинк, Вулин потенцираше дека во медиумската хајка против претседателот Вучиќ се вклучиле Ѓилас, Шолак и Мишковиќ со свои пари и со медиумите што ги поседуваат и контролираат.
Според него, медиумите под нивна контрола секој ден повикуваат на убиство на Вучиќ, го напаѓаат неговото семејство, прават од државата нарко картел и сето она што го прават не е случајно и не е евтино, и дека само милијардери, како нив, можат да ја финансираат таквата кампања.
– Само тие можат да го финансираат таквиот пристап во медиумите. Сега имате сојуз на Мишковиќ, Шолак и Ѓилас, сојуз вреден десетици милијарди евра. Очекувајте во наредните денови да ја видите моќноста на тие пари – изјави Вулин.
Министерот истакна дека тие со огромни пари сакаат да ја соборат не само Владата, туку и Уставот и законите во Србија, со кои јасно се наведува како се доаѓа на власт.
Вулин оцени дека заканите кон претседателот Вучиќ дека ќе биде убиен како кралевите Александар Обреновиќ и Александар Караѓорѓевиќ може да се толкуваат како систематски, бидејќи нивното повторување има тенденција кај луѓето да го намали чувството и сознанието дека во прашање е нешто опасно.
Тој додаде дека со објавувањето на вакви содржини во медиумите постои обид да се „создаде илузија дека мнозинството во Србија е токму за тоа и дека оној кој што ќе го направи тоа, ќе направи она што народот го сака“.