Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа изјави дека во овој момент не гледа статусно решение за косовското прашање што Србија би го прифатила и подвлече дека досега никој и не го понудил.
На констатацијата дека постојат двајца американски пратеници за косовското прашање, и дека сега и ЕУ најавува свој, Вучиќ кажа дека не знае кој што ќе биде.
–Се сомневам и песимистичен сум околу прашањето на договор. Секогаш ќе бидеме за компромис, но во овој момент јас не го гледам – истакна Вучиќ.
Тој кажа и дека наскоро ќе има телефонски, а можеби и директен, разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, а ќе се види и со рускиот колега Владимир Путин, за кој вели дека искрено верува дека ќе биде искрена и пријателска средба.