Регион 10. мај 2018. / 11:35

Вучиќ: Путин е за Србија секогаш кога е потребно

Вучиќ: Путин е за Србија секогаш кога е потребно

Со претседателот на Русија Владимир Путин секогаш разговараме искрено, отворено и за сите теми и, секогаш кога е потребно, тој е тука за Србија, кажа за РТС претседателот на Србија Александар Вучиќ сумирајќи ја дводневната посета на Русија.

Тој додаде дека „ние сме сигурен и коректен партнер“ и дека „во Србија тоа не трае еден ден“.

Вучиќ во интервјуто за јавниот сервис кажа и дека е важно дека Србија и Русија ги зацврстија пријателството и соработката во сите области на општествениот живот и дека се разговараше за сите клучни прашања.

“Благодарен сум што Владимир Владимирович Путин ѝ укажа огромна чест на српската делегација на Србија како држава ставајќи нѐ како главни гости на годинешнава парада по повод победата над фашизмот. Тоа покажа дека, освен што имаме многу заедничко во минатото, ќе имаме многу заеднички нешта во иднината“, порача Вучиќ.

Тој напомена дека со Путин „многу, многу време“ помина разговарајќи за Косово и Метохија.

“Ги анализиравме сите постојни документи на Обединетите нации, ги анализиравме и однесувањата на сите актери на светската политичка сцена, пред сѐ за тоа прашање“, нагласи претседателот на Србија.

Исто така, разговарал со Путин за економската соработка, за соработката во областа на енергетиката, за воено-техничката соработка, како и за посетата на претседателот на Русија на Србија.

„Го очекуваме или во октомври или во ноември“, додаде Вучиќ.

Тој повтори и дека сите знаат, и овде и во Европа и во светот, дека Србија е на европскиот пат, но дека кога Србија ќе каже дека нема да и= воведува санкции на Руската Федерација, тогаш тоа така и ќе биде, како што и понатаму ќе се однесува во согласност со своето определение за воена неутралност и со својата одлука да не влегува во НАТО или во кој било друг воен сојуз.