Доколку преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово не бидат обновени, тоа може да го дестабилизира регионот на Западен Балкан кој сѐ уште заздравува од војните од 1990-тите, изјави за Ројтерс српскиот претседател Александар Вучиќ.
Секој ден одложување може да создаде услови во кои една искра може да го запали целиот регион. Западните држави треба да го знаат тоа, кажа Вучиќ. „Тоа е ризикот кога се поттикнуваат националистичките чувства“.
Како одговор на напорите на Србија да го спречи членството на Косово во меѓународните организации, Приштина воведе царини од 100 отсто на увозот на стока од Србија, што српската економија може да ја чини 600 милиони евра годишно.
За да се врати во дијалогот, Србија бара укинување на царините, што го поддржуваат и ЕУ и САД.
Нејасно е како би изгледало можното решение, наведува британската агенција и додава дека Вучиќ и претседателот на Косово Хашим Тачи спомнуваат „корекција на границите“ – што аналитичарите го толкуваат како рамена на територии.
Западот смета дека интеграцијата на целиот регион во ЕУ и НАТО е начинот да се одржи стабилноста.
Нашиот прием во ЕУ зависи од дијалогот со Приштина и од тоа дали ќе сакаме еден ден да постигнеме договор“, кажа Вучиќ и додаде дека очекува Германија, Франција или ЕУ поактивно да се вклучат во преговарачкиот процес. „Мислам дека во поскора иднина ќе ги видиме нивните иницијативи, додаде српскиот претседател без да открива детали.
Вучиќ кажа и дека не планира да поднесе оставка или да свика вонредни избори, што го бараат илјадниците учесници во опозициските протести кои ја обвинуваат влдата за корупција и задушување на медиумските слободи.