Српскиот претседател Александар Вучиќ по денешната средба со папата Франциско изјави дека Ватикан води сериозна политика и ќе го задржи ставот за Косово.
–Многу го цениме принципиелниот став на Светата Столица во врска со непризнавањето на еднострано прогласената независност на Косово, како и разбирањето на позицијата на Србија заснована врз почитувањето на меѓународното право, потенцирал Вучиќ кој се заблагодарил за конструктивниот пристап на Светата столица по ова прашање – се наведува во соопштението на неговиот Кабинет по средбата со папата.
Во изјавата за новинарите по средбата, српскиот претседател истакна дека Ватикан сака разговори и мирно решение меѓу Србите и Албанците.
–Србија е цврсто убедена дека разговорите претставуваат единствен начин за решавање на сите отворени прашања, поради што и по воведувањето на таксите, се воздржавме од реципрочни мерки и какви било чекори што дополнително би ја искомплицирале сегашната состојба…продолжувајќи да преземаме конструктивна посветеност за изнаоѓање одржливо и компромисно решение за прашањето на Косово, единствено преку дијалог. Но, Приштина спречува секаков дијалог и договор – соопштија од кабинетот на Вучиќ.
Тој изјави и дека би сакал папата да ја посети Србија, но потсети дека за тоа е потребна согласност од Српската православна црква.