Регион 25. март 2020. / 14:54

Вучиќ очекува драматично зголемување на бројот на заразени со Ковид-19

Вучиќ очекува драматично зголемување на бројот на заразени со Ковид-19

Српскиот претседател Александар Вучиќ говорејќи за ширењето на коронавирусот, изјави дека очекува од денеска да почне да се зголемува бројот на заразени лица, меѓу другото и затоа што со новата стратегија ќе се зголеми бројот на тестирани лица.

Вучиќ додаде дека за десетина дена, бројот на тестирани може да се очекува да биде 3.000, но оти ова е најдобриот начин да се задржи пандемијата и да се спречи вирусот да се шири на што повеќе луѓе.

– Тоа е нешто со што треба да се справиме и подобро е да го сториме тоа што е можно поскоро … Имаме поголем број лица на респиратори и затоа е важно да се спречи со вирусот да се заразат уште многу луѓе, кажа престедателот.

Тој додаде дека со кинеските експерти е договорено да се постави голема лабораторија, која ќе може да прави  по 2.000 тестови на ден.

– За првпат, ќе имаме прецизна слика за тоа колку заразени лица влегле од странство. Се плашиме дека тоа е ужасно голема бројка. Белград е далеку најголемо жариште, следи Ниш и Ваљeво. Кикинда беше најголем жариште на почетокот , кажа Вучиќ.

Тој порача дека надлежните наскоро ќе излезат со нови мерки за Белград, Ниш и Ваљево.

Во врска со веќе подготвениот карантин на Белградскиот саем со 3000 легла, тој порача дека „сите ќе мора да одат на Саем, ако имаат вирус.“

-Некој тука треба да помине 14 до 21 ден, а она што нема да му биде комфорно тоа не ме интересира, ние се бориме за животите на луѓето и ако некој мисли како ќе се шминка или да мие заби четири пати на ден, е нема, ќе ги пере еднаш дневно, додаде српскиот претседател.