Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ во врска со информациите дека во Косово постои можност да се укине Српската листа, предупреди за многу лош развој на настаните и ги повика западните партнери и Приштина да „се вразумат“ со цел да се избегне катастрофа.
– Јас сум многу загрижен за ситуацијата во Косово, особено во врска со обидот на Албанците да донесат одлука за укинување на Српска листа – изјави Вучиќ на средба со претседателот на Советот на федерацијата на федералното собрание на Руската федерација, Валентин Матвијенко.
Тој истакна дека Српска листа е партија која добила 96 проценти од гласовите на косовските Срби и дека ја имала поддршката од Белград.
Вучиќ нагласи дека во Приштина измислиле некаква приказна за труење со поштенски пликови од Србија и дека членовите на ЦИК се отруени, а ниту еден српски член на ЦИК не е отруен.
– Сега, тие веќе не се сигурни дека се отруени, не знаат што да измислат, но наведуваат дека треба да се укине Српската листа – посочи Вучиќ.
Според него, тоа ќе има катастрофални последици за односите меѓу Србите и Албанците.
– Србите тогаш повеќе нема да бидат во институциите, а се знае кога не се во институциите, како ќе морат да се заштитат и да ја чуваат својата слобода и огниште – рече Вучиќ.
Пред оваа изјава, српскиот претседател говорејќи за ТВ Пинк за можноста за продолжување на дијалогот со Приштина, кажа дека прво треба да се формира новата Влада на Косово и оти се надева дека ќе има доволно мудрост да се постигне компромис.
Тој ги критикуваше изјавите на победникот на изборите во Косово, Албин Курти, дека не е можно да се разговара за поделба, додавајќи дека Приштина треба да се спушти на земја затоа што не е Вашингтон.