Регион 18. мај 2020. / 14:25

Врање ново жариште во Србија: Нови 52 заразени со Kовид-19

Врање ново жариште во Србија: Нови 52 заразени со Kовид-19

Зголемениот број заразени во претходните денови во Србија не е индикатор за ширење на вирусот во земјата и во општата популација, туку во фабриката за мебел „Додиќ“ во Врање, изјави заменик-директорот на Институтот за јавно здравје на Србија, д-р Дарија Кисиќ Тепавчиќ.

Таа додава дека тоа покажува колку брзо може да се шири вирусот кога ќе влезе во колектив и дека повеќето пациенти во фабриката во Врање имаат благи симптоми или немаат никакви симптоми на болеста.

Тоа ни ја покажува силината на вирусот и очигледно е дека инфекцијата сега ќе биде со поблаги форми на болеста – вели Кисиќ.

Таа додава дека е донесена одлука да се тестираат сите работници на фирмата „Додиќ“ во Врање и дека заклучно со вчерашниот ден се регистрирани 42 позитивни случаи на корона вирус кај вработените и 11 други лица кои биле во контакт со нив.

Кисиќ Тепавчиќ истакнува дека се очекуваат резултатите за сите 130 вработени, коишто се тестирани за вирусот.

Како што соопшти епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ, поради зголемувањето на бројот на нови пациенти, во Врање повторно е отворена „Ковид“ болницата, која беше затворена кон крајот на април, а за време на викендот се регистрирани 52 нови пациенти, од кои повеќето се работници од фабриката за мебел.

Епидемиолошката состојба на југот на Србија е сè уште неизвесна, а ситуацијата во Врање, треба да ја предупредат цела Србија, оцени Тиодоровиќ.