Утрово се сумираа штетите од вчерашните масовни протести низ улиците на Белград, по повод најавата на претседателот Александар Вучиќ за враќање на рестриктивните мерки, меѓу кои и полицискиот час од петок, со што Србија ќе биде првата земја после првиот бран во кој повторно ќе има рестрикција во однос на движењето.
Низ улиците излегоа десетина илјади луѓе, а епилогот е повредени 20 лица, меѓу кои 13 полицајци, и 7 цивили, јавува РТС, потпирајќи се на официјална изјава од Брзата помош.
Низ Белград утрово се забележуваа три запалени полициски возила, неколку контејнери, искршени сообраќајни знаци и семафори, камења, искршени излози.
Властите го осудија нападот. Премиерката Ана Брнабиќ истакна осуда за политичарите кои стојат зад вандалскиот чин.
Се очекува денеска реакција и од претседателот Александар Вучиќ.
Протестите беа организирани пред Собранието, каде што имаше и упад во Парламентот на Србија, а се проширија и низ други делови од градот, односно пред зградата на националната телевизија РТС.
Протести, но со помал интензитет и без поголеми проблеми имаше и во Нови Сад.