Мирно и масовно, со слогани и плакати против новиот закон на владата за социјално осигурување, граѓани и членови на синдикатите учествуваа на протестите одржани во центарот на Атина во рамки на 24-часовниот штрајк.
Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) и Синдикатот на комунистичата партија на Грција (ПАМЕ), организаторите на штрајкот, одржаа одвоени протести, а одѕивот од граѓаните беше масовен – вработени, невработени, студенти, пензионери, заедно маршираа по улиците во грчката престолнина.
Иако грчката Влада тврди дека новиот закон е подобар од претходниот, донесен од СИРИЗА, сепак, учесниците во протестот за МИА велат дека е продолжение на меморандумската политика.
Димитрис Полихрониадис е наставник во основно училиште и вели дека едно од нивните барања е да се вратат 13-та и 14-та плата и 13-та и 14-та пензија.
– Бараме да се укинат, да се повлечат, сите закони за социјално осигурување од 2010 до сега. Треба да се повлече и новиот закон кој всушност ги потврдува претходните закони што се на товар на вработените. Бараме пензионирање со 30 години работен стаж, да нема нови кратења и да се вратат 13-та и 14-та пензија и 13-та и 14-та плата – вели наставникот, кој воедно е и член на Федерацијата на наставници.
Мирто Папатанасиу е вработена во државна болница, а во разговор со дописничата на МИА од Атина, коментира дека во болниците сѐ е пред распаѓање.
– И претходниот закон и овој сега се против работничките права. Во болниците ситуацијата е трагична, немаме персонал, ќе прават приватизации, сѐ е пред распаќање – вели таа.
Заедно со синдикатите, протестираа и студентите.
– Студенти сме, не сме вработени, но утре и ние ќе треба да најдеме работа, конкретниот закон не ни носи никакви поволности, затоа ги поддржуваме синдикатите во нивната битка – вели студент кој заедно со неговите колеги учествуваше во протестот.
Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) почна 24-часовен штрајк во знак на протест поради новиот закон во социјалното осигурување што вчера беше доставен во грчкиот Парламент, а се очекува во следните денови да биде ставен на гласање.
Од шест часот утрово, Атина е без автобуси, тролејбуси, трамвај и метро, бидејќи во штрајкот учествуваат и вработените во јавниот превоз, што целосно ја парализира грчката престолнина.
Проблеми има и во поморскиот сообраќај, на најголемото пристаниште Пиреас бродовите ќе останат закотвени, а на другите две атински пристаништа ќе има промени во возниот ред.
Во штрајкот учествуваат и Федерацијата на вработени во државните болници, како и Федерацијата на вработени во локалната самоуправа.
Новинарите со тричасовен прекин на работата од 12 до 15 часот, им даваат поддршка на синдикатите.
Владини извори за грчката новинска агенција АНА-МПА синоќа коментираа дека според барањата на синдикатите, штрајкот е против законот донесен од СИРИЗА во 2016, чии негативни одредби се укинуваат во новиот закон што го донесе актуелната влада.
– Станува збор за синдикална неразумност и штрајкови кои се јасно поттикнати од чисто партиски мотиви и цели – коментираат грчки владини извори за АНА-МПА.
Во однос на новиот закон, министерот за труд и социјални работи на Грција Јанис Вруцис, вчера за грчката новинска агенција рече дека е атрактивен, реципрочен систем што обезбедува посебна грижа за семејствата со повеќе деца, за младите, за вработените мајки, за земјоделците, за пензиите на вдовците, како и за лицата со посебни потреби.
Објасни дека не е предвидено намалување на пензиите, „туку напротив, еден дел од пензионерите ќе добијат покачувања“.
– Најфаворизирани се денешните и идните работници, бидејќи сите ќе видат зголемувања на нивните пензии, доколку имаат над 30 години работен век – вели Вруцис.
Тој додаде дека станува збор за прв закон за социјално осигурување во историјата што е придружен со експертска студија за пензиите потврдувајќи ја одржливоста на осигурителниот систем до 2070 година, но и дека е прв закон по 12 години што не вклучува никакво намалување на пензиите.