Регион 15. март 2020. / 21:50

Вонредна состојба во Србија: Безбедносните сили ќе обезбедуваат да се почитува самоизолацијата

Вонредна состојба во Србија: Безбедносните сили ќе обезбедуваат да се почитува самоизолацијата

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на вонредна прес-конференција соопшти дека во земјата се прогласува вонредна состојба поради епидемијата со корона вирусот.

Вучиќ рече дека одлуката е донесена заедно од претседателот, премиерот и претседателот на Националното собрание.

Тоа значи дека се препорачува старите лица да не ги напуштаат домовите и дека во наредните денови ќе се вршат проверки за да се види колку граѓанинте се придржуваат кон оваа мерка. Претседателот ги повика помладите да не ги посетуваат постарите членови на нивните семејства и да не ги носат своите деца за да ги гледаат „нивните баби и дедовци“.

Ако не се почитува оваа препорака, ќе мора да донесеме обврзувачка одлука во рок од 72 часа дека сите постари лица мора да останат во своите домови и нивните дворови. Ве молам, никој да не нè принудува да издадеме таква наредба. Ние не ја донесовме лесно оваа одлука. Денес е можеби најлошиот ден за Европа по Втората светска војна – рече Вучиќ.

Претседателот изјави дека Србија е во војна против невидлив противник и дека е во борба за родителите, за старите лица, но и за иднината на Србија.

Во Србија денеска имаме уште две заразени лица, вкупно 48. Немаме смртни случаи, но нема сомнение дека во наредните денови ќе се соочиме со тоа и се надеваме дека ќе можеме да обезбедиме растот на таквите случаи да биде аритметички, а не геометриска прогресија како во Италија, Шпанија … – порача Вучиќ.

Тој додаде дека од утре нема одење на училиште, нема градинки, факултети, тренинзи, спорт, вежбалници …

Имаме брашно за 12 месеци – рече Вучиќ, додавајќи дека Србија ќе треба да им помогне на народите „околу нив“ со брашното. Тој додаде дека немат проблем со маслото или оризот.

Вучиќ рече дека испратил писмо до Претседателот на Кина, кого го нарече брат и пријател на земјата, „гарантирајќи му челично пријателство“. Тој изјави дека бара „сè од Кина“.

Ние дури баравме и лекари – истакна тој.

Вучиќ соопшти дека секој што ќе ја прекрши наредбата за изолација ќе биде осуден на три години затвор,  велејќи дека тоа е со закон, што не е ново.

Вучиќ најави и дека војската излегува на улиците, а полицијата ќе надгледува кој ја прекршува изолацијата.