Србија вакцинирала повеќе од 401.500 граѓани со вакцините Pfizer-BioNTech, Sputnik V и Sinopharm од почетокот на имунизацијата на 24 декември, па се до 28. јануари попладне, е објавено од Белград, а се испорачани уште два контингенти вакцини.
–Утре ќе добиеме уште 40.000 вакцини Спутник V, а во понеделник дополнителни 9.360 дози на Фајзер, објави денеска премиерката Ана Брнабиќ, одговарајќи на пратенички прашања во српскиот парламент.
–Имавме состанок со луѓе од COVAX, очекуваме вакцини од таа програма во февруари и се бориме за уште некои вакцини, додаде Брнабиќ откако минатата недела највисоките државни претставници изјавиле дека Србија не примила ниту една доза вакцини од COVAX програмата.
Брнабиќ изјави дека денес Србија е втора во Европа според бројот на вакцинирани граѓани на 100.000 жители, по Велика Британија и седма во светот, веднаш зад Соединетите држави.
Во изминатите 24 часа 21 лице починало во Србија како резултат на инфекцијата со ковид-19, а регистрирани се нови 1.592 инфекции меѓу 10.637 тестирани примероци, објави денеска српското Министерство за здравство.
Имало 4206 пациенти на болничко лекување, а 162 се на респиратор.
Од почетокот на епидемијата, на 6 март 2020 година, тестирани се 2.588.844 примероци, регистрирани се 390.637 заразени, а официјално се пријавени 3.965 смртни случаи од последици од инфекцијата со стапка на смртност од 1,01 процент.