Србија досега има евидентирано 6.890 заразени и 130 луѓе починати од корона вирус,.
Како што соопшти министерот за здравство, Златибор Лончар, во изминатите 24 часа, тестирани се 3.543 лица, од кои бројот на позитивни на вирусот се намалува и тој изнесува 260 лица.
Вкупниот број тестирани лица заклучно со денеска во Србија изнесува 45.355 лица, а досега се излечени 810 пациенти.
Се намалува и бројот на хоспитализирани во болниците, каде што се сместени 3.660 пациенти, како и бројот на пациенти со влошена клиничка слика кои се ставени на респиратор – 101 лице.
Во изминативе 24 часа регистрирани се пет нови смртни случаи, двајца мажи и три жени, со што вкупниот број на починати се искачи на 130 лица – изјави Лончар.
Вкупниот број на здравствени работници кои се позитивни на вирусот во Србија изнесува 656 лица, од кои 430 се наоѓаат на болничко лечење.
Во Социјалните установи и домовите за стари лица, позитивни на вирусот се 489 лица, како и 98 вработени.
На прес конференцијата на владиниот кризен штаб, на која од денес со одлука на владата се вратија новинарите, на прашање за коментар на изјавата на СЗО дека најтешкиот период со епидемијата допрва престои, епидемиологот Предраг Кон кажа дека „не верува да вирусот во Србија ќе исчезне за време на летниот период и дека СЗО ова го порачува пред се за земјите од јужната хемисфера“ , додека министерот Лончар изјави дека Србија ќе мора да се прилагоди да живее со вирусот.
Ќе мора да живееме со коронавирусот и не постои ниту една земја која се има вратено на периодот пред кризата. СЗО не може да предвиди, а наше е да направиме се за да ја сузбиеме пандемијата со воведените мерки, со носењето маски, ракавици, со хигиена и одржување на дистанца, и така да се прилагодиме на вирусот и да функционираме – изјави Лончар.
Србија од денеска ги ублажи мерките со кои полицискиот час е пократок и тој ќе важи од 18 до 5 часот, а пензионерите ќе можат да го изберат своето време за прошетка од половина час помеѓу 18 часот и 1 часот наутро, во вторник, петок и недела, најмногу шестотини метри од местото на живеење.
Од денеска се отвораат и зелените пазари на отворен и затворен простор со задолжителна примена на сите мерки на заштита, како и автомеханичарските и вулканизерски дуќани, чевларите, кројачите, дуќаните за хемиско чистење, училиштата за обука на возачи, книжарниците, продавниците за продажба на моторни возила, велосипеди, на техничка стока и градежен материјал.