Во изминатите 24 часа во Србија починале четири, а регистрирани се 93 нови заразаени со корона вирус.
Со тоа, во земјата досега вкупно има евидентирано 9.557 заразени, 197 починати и 1.574 излекувани граѓани. Вкупната смртност изнесува 2,06 отсто.
Како што е објавено на интернет-страницата на Владата на Србија (kovid.rs.) во изминатите 24 часа тестирани се 4.550, а вкупно досега се тестирани 106.461 граѓанин.
Во „ковид болниците“ и привремените центри хоспитализирани се 2.023 пациенти, од кои со влошена клиничка слика и на респиратор се 53 лица.
Српската Влада на денешната седница го усвои предлогот за укинување на вонредната состојба, кој ќе биде доставен до Собранието на усвојување.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека одредбата за укинување на вонредната состојба, Собранието ќе ја усвои на 6 мај, по што ќе се укине и полицијскиот час на 7 мај.
Епидемиологот Предраг Кон од владиниот кризен штаб најави дека со укинивање на вонредната состојба, нема да се укине и состојбата на епидемија во Србија, која подразбира и понатаму задржување на одредени превентивни мерки, како што се одржување на дистанца и можноста за избегнување на директни контакти, носење на заштитни маски и други мерки, што ќе бидат донесени по укинување на вонредната состојба.
Во Србија од денеска почнаа со работа рестораните и кафеаните, со предвидените заштитни мерки за дистанца на гостите и на вработените, профункционира и меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај, како и градскиот превоз во Нови Сад и Крагуевац, а во Белград и Ниш ќе профункционира на 8 мај.
Во Србија денеска е полициски час, кој почнува во 18 и ќе трае до утре во пет часот.