Во следните три години сите градежни дозволи во Грција ќе бидат ослободени од ДДВ, а истото ќе важи и за градбите од изминатите 14 години кои не се продадени, е мерката што ја соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис .
Целта на владината мерка е да се зајакне и закрепне градежната активност во Грција и купопродажбата на недвижнини.
– Се суспендира ДДВ-то за следните три години за сите нови градежни дозволи, но и за постарите издадени од 1 јануари 2006 година. Со други зборови, се ослободуваат од данок на додадена вредност, сите нови градби, како и недвижнините изградени во последните 14 години кои сè уште не се продадени. Новата мерка ќе важи и за случаи на компензација. Односно, сопственикот на земјиштето ќе биде ослободен од плаќање ДДВ за становите што ќе ги добие за возврат – рече Мицотакис.
Грчкиот премиер, кој во говорот се задржа на економијата, рече дека за 2021 и 2022 Грција се стреми да се намали примарниот суфицит на 3,5 отсто, а разговорите со грчките партнери за конкретната тема ќе започнат во текот на следната година, кога, како што рече, целосно ќе биде вратен кредибилитетот на земјата и посветеноста на владата на реформите.
Мицотакис го прикажа владиниот план за економијата како триаголник.
– На едната страна се реформите што ги промовираме. Тие се предуслов за да дојде меѓународен капитал во Грција, но и да се искористат големите домашни потенцијали на земјата. На другата страна од триаголникот е мешавина на фискалната политика. Ова ќе ги олесни домаќинствата и бизнисите од големо оданочување без, секако, да се наруши буџетската дисциплина. А на третата страна од триаголникот се нашите интервенции на банкарскиот систем, за брзо да се намалат црвените заеми и банките одново да ја добијат нивната улога на финансиери на развојот, на реалната економија – објасни грчкиот премиер.