Во рамките на процесот на сукцесија од поранешната СФРЈ, хрватската држава од Србија побарува 148,5 милиони долари што илегално биле потрошени од српската страна. Претставничката на Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска информира дека во тек е процедурата за утврдување на кој начин биле потрошени овие средства, за да можат да бидат компензирани од Србија.
„Вечерњи лист“ пишува дека во моментот на распаѓање на југословенската држава на девизните сметки во мешаните банки на СФРЈ во странство се наоѓале 645,55 милиони долари. На Хрватска, според Договорот за сукцесија, треба да ѝ припаднат 23 отсто од таа сума. Во процесот на поделба на имотот Србија ги информира другите држави дека на сметките има само 56 милиони долари, но одби да даде информации каде се тие пари. Хрватска има докази дека заедничките средства во 1990-тите години се користеле за плаќање на надворешните долгови на српските фирми.
На состанокот на Постојаниот заеднички одбор за спроведување на сукцесијата, во средата во Загреб, Хрватска го постави прашањето за овие средства, како посебна точка на дневниот ред.
Хрватска ќе истрае на тоа да се утврди како исчезнале овие средства и за да се пронајдат механизми за компензација од државите што противправно ги искористиле – изјави Андреја Метелко-Згомбиќ, државен секретар во хрватското министерство за надворешни работи.
Договорот за сукцесија на поранешна СФРЈ е потпишан во Виена во 2001 година, а во сила стапи три години подоцна.