Се помалку мигранти и бегалци пристигнуваат од Турција во Грција, најмногу поради засилените гранични контроли, а делумно и поради пандемијата на корона вирусот. Како соопшти грчкиот државен секретар за миграција, Јоргос Кумуцакос,во последните четири месеци во Грција пристигнале 850 мигранти.
Сепак, Турција е тежок и непредвидлив сосед што контролира базен од четири милиони мигранти и бегалци. Никој не може да исклучи дека ќе се обидат да ги искористат во друга пригода – изјави Кумуцакос за „Ројтерс“.
Кумуцакос го кажа тоа пред посетата на камповите за мигранти на островот Лезбос, заедно со премиерот на германската сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија.
Тензиите меѓу членките на НАТО, Грција и Турција, ескалираа во март, кога илјадници бегалци од Турција се обидоа да ја пробијат границата со Грција.
Намалениот прилив (на мигрантите) нема да дозволи да се одмориме. Напротив, ние мора да бидеме внимателни – вели Кумуцакос.
Од април до јули, Грција регистрирала 850 мигранти кои пристигнале во земјата, што претставува големо намалување во однос на 12.363 во истиот период минатата година.
Сепак, десетици илјади мигранти се заглавени во преполни кампови на островите.
Конзервативната грчка влада почна да преместува илјадници мигранти во побезбедни установи на копно, кои активистите ги споредија со затворите.
Ќе има строга контрола во камповите, но тоа не се затвори. Грција не гради затвори. Таа е демократска европска држава која ги штити своите граници и човековите права – изјави Кумуцакос.