Регион 20. ноември 2020. / 19:46

Во Грција забележани нови 2581 случаи на коронавирус, 72-ца починаа

Во Грција забележани нови 2581 случаи на коронавирус, 72-ца починаа

И Грција денеска бележи нов негативен рекорд на смртни случаи од ковид-19 на дневно ниво со починати 72 лица, јави дописничката на МИА од Атина. Дополнително, за разлика од вчера, е зголемен и бројот на пациенти кои се приклучени на апарати на 519 лица, односно 20 повеќе од последниот пресек.

Во споредба со вчерашниот извештај, намален е бројот на новозаразени, па денеска се пријавени 2.581 нов случај од кои 673 во Солун и 582 во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

На денешната редовна прес конференција за ковид-19 во Министерството за здравство на Грција, професорката епидемиолог и член на надлежната комисија, Вана Папаевангелу рече дека во изминатата седмица се забележува мало, но стабилно зголемување на просечната возраст на новите случаи, што изнесува околу 45 години.

– Мислам дека вреди да се коментира и предизвикува загриженост тоа што нема јасно намалување на епидемиолошкиот бран три седмици по карантинот во северна Грција и две седмици по спроведувањето на хоризонталните мерки низ цела земја, рече Папаевангелу.

Во Грција, од почетокот на епидемијата, се регистрирани вкупно 87.812 лица заразени со коронавирусот, а починаа 1.419 лица.