Регион 22. март 2020. / 17:42

Во Грција се зголемува бројот на заразени и починати, од утре целосна забрана за движење

Во Грција се зголемува бројот на заразени и починати, од утре целосна забрана за движење

Во изминатите 24 часа во Грција потврдени се 94 нови случаи на коронавирусот, а уште две лица починале, со што вкупниот број на заразени е 624, а бројот на жртви достигна до 15 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопшти претставникот за коронависрусот на Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас, хоспитализирани се 124 лица, од кои 34 се приклучени на апарати, а пуштени од болница се 19 лица.

Повеќето од потврдените случаи се во Атина, а 55,7 отсто се мажи.

Поголемиот број од хоспитализираните граѓани имаат претходни сериозни здравствени проблеми, а нивната просечна возраст е 64 години.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис попладнево најави целосна забрана на движењето во Грција, што стапува во сила утре во шест часот наутро, а дозволено ќе биде само посета на супермаркети, аптеки, посета на лекари или лица на кои им треба грижа, индивидуално спортување, прошетка на домашните миленичиња и оние кои работат да стигнат до нивните работни места,  јави дописничката на МИА од Атина.

За секој што ќе ги прекрши забраните ќе следува казна од 150 евра.

Мицотакис за оваа негова одлука ги известил лидерите на политичките партии како и претседателката на Грција.