На помалку од еден месец од завршувањето на карантинот, денеска во Грција започнува петтата фаза од ублажувањето на рестриктивните мерки и постепеното враќање во „новата нормалност“, но и овој пат, под посебни услови и правила, јави дописничката на МИА од Атина. По средношколците, денеска во училишните клупи се враќаат и учениците од основните училишта, а се отвораат и градинките.
Паралелно Грција полека почнува да се подготвува за туристичката сезона, со отворање на хотелите што работат во текот на целата година, како и на камповите. Грците од денеска ќе можат да уживаат во кината на отворено, но и да земат книги од библиотеките.
Се укинуваат и сите ограничувањата во однос на возраста за тренирање на спортистите на отворените спортски терени, од денеска е дозволена употреба и на соблекувалните, додека пак за викендот дозволен е почеток и на натпревари, но без присуство на публика.
Од денеска започнуваат со работа и кетеринг службите, студијата за тетовирање и дел од судовите.Дополнително, во следните пет месеци, се намалува ДДВ-то на јавниот, автобускиот, бродскиот, авионскиот и железничкиот превоз, како и на кафињата и безалкохолните пијалаци и влезниците за кино.