Министерството за надворешни работи на Грција ги достави до грчкиот парламент двата нацрт закони за отворање на нови гранични премини за отворање на нови гранични премини меѓу Северна Македонија и Грција, едниот кај Мајден, другиот кај Маркова нога. Исто така до грчкото собрание е доставен и предлогот за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, нацрт законите, во текот на следната седмица, ќе се разгледаат на надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, а потоа ќе бидат доставени за ратификација на пленарна седница во Парламентот.
Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини.