Полицијата во Бугарија уапсила шест луѓе осомничени дека биле членови на измамничка група кои со помош на лажни венчални листови се стекнувале со недвижен имот и други работи од починати лица.
Шестемина приведени за пет години стекнале нелегално 15 имоти во вредност од 500.000 евра.
Меѓу уапсените има еден полицаец кој ги пронаоѓал информациите и еден градски функционер од Софија. Улогата на полицискиот службеник била да пронајде стари или неодамна починати лица со вредни недвижности и пари, а градскиот службеник бришел потенцијални наследници и издавал фалсификувани венчални листови, соопшти Обвинителството за организиран криминал.
Една од лажните венчаници, наводно, била издадена во Русија.
Групата е откриена откако еден од нив, маскиран како жена, во средата се обидел да подигне 600.000 лева (300.000 евра) од банка во Софија за да купи стан во готово.