Рано утринава во Софија пристигнаа речиси 53.000 дози од вакцината на АстраЗенека, јавуваат бугарските медиуми.
Пратката на вакцини е драстично помала од онаа што Бугарија требаше да ја добие од АстраЗенека. Земјата очекуваше повеќе од 142.000 дози на крајот на февруари. Компанијата како причина ги наведе проблемите со производството.
До сега во земја се пристигнати речиси 170 илјади дози од вакцината против корона вирус. Нешто повеќе од 20.000 дози од компанијата Фајзер и Бионтек се очекува да пристигнат утре.
– Програмата за вакцинација оди добро. Дозите добиени утрово ќе бидат распределени денеска на 28 региони во земјата, изјави претседателот на Штабот за вакцинација во Бугарија, Красимир Гигов.
Министерот за здравство, Костадин Ангелов, пред премиерот Бојко Борисов рече дека интересот е исклучително голем и многумина чекаат за имунизација.
– Во исто време, планот за вакцинација во различни области во Бугарија се одвива со различно темпо, рече Ангелов.
Премиерот Борисов рече дека вакцините треба да ги однесат таму каде што има луѓе кои чекаат за вакцинација.
– Ако има пред болницата за итни случаи „Пирогов“, Воено-медицинската академија и другите големи болници, таму пуштете ги, рече Борисов.