Регион 20. април 2020. / 22:03

Во Белград е отворена нова лабораторија со капацитет од 2000 тестови дневно!

Во Белград е отворена нова лабораторија со капацитет од 2000 тестови дневно!

Во Клиничкиот центар во Белград, денеска беше отворена нова лабораторија со капацитет од 2000 тестови дневно.

Се работи за најсовремена лабораторија, прва од ваков вид во Регионот, донација од Народна Република Кина. Градењето на лабораторијата траеше две недели, со цел Србија да добие ултра модерна лабораторија во која брзо ќе може да се тестираат лицата за кои постои сомнеж дека се позитивни на коронавирусот.

Лабораторијата е симболично наречена „Огнено око“ и според претставниците на оваа институција, името го добила по мотив од една кинеска бајка во која „огненото око“ можесè да види и да детектира и да му се спротистави на секое зло кое доаѓа.

На денешното обраќање, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека ваков тип на лабораторија немаат ниту една од државите членки на ЕУ, притоа најавувајќи дека во наредниот период Србија ќе стане лидер во Европа, по бројот извршени тестирања за Ковид 19.

Во новата лабораторија ќе бидат ангажирани 40 молекуларни биолози и ќе работат во три смени.

Слична лабораторија, но со помал капацитет, пред два дена пристигна во Ниш каде ќе можат да се извршат околу 1000 теста дневно. И двете лаборатории се донација на НР Кина и имаат за цел да ѝ помогнат на Србија да ги зголеми капацитетите за тестирање и така навремено да открие и спречи евентуално ново ширење на коронавирусот.