Повеќе атински населби, како и дел од Пелопонез, доцна синоќа беа без струја по пожарот што изби во трафостаница на операторот за пренос на електрична енергија во предградието Аспропиргос во западниот дел на областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Во гаснењето на пожарот, што по 3 часот утрово беше ставен под контрола, учествуваа 25 пожарникари со десет возила, а помагаа и две специјални противпожарни возила за гаснење пожар во рафинерии, како и четири цистерни од Секретаријатот за цивилна заштита.
Од грчката противпожарна служба соопштуваат дека поради прекинот на електричната енергија во различни области на Атика, интервенирале во 18 случаи за помош на лица заглавени во лифтови.
Претставници на противпожарната служба и полицијата ги истражуваат причините за пожарот.