Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, изјави дека Косово како независна земја нема територијални претензии кон Србија. Тој рече и дека за Косово во оваа фаза е значајно да обезбеди функционалност на институциите на цела територија.
„Нема да дозволиме во договорот со Србија да имаме негативен преседан“, рече Весели по средбата со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери во Скопје.
Како што пренесуваат српските медиуми, Весели со Џафери зборувал за следните чекори на Косово и финалната фаза на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и истакнал подготвеност прашањето да се реши со правно обврзувачки договор.
Џафери го поздравил дијалогот и рекол дека Македонија ќе ја интензивира соработката со Косово.