Бугарските власти открија криминална мрежа и поднесоа обвиненија против четири члена на таа мрежа поради регрутирање сиромашни лица кои за пари ги давале своите бубрези за пациенти на кои им е потребна трансплантација, соопшти денес бугарското обвинителство.
Тројца мажи и една жена се обвинети за регрутирање на донори на органи кои потоа стапувале во контакт со пациенти на кои им е потребно пресадување бубрези, изјави обвинителот Димитар Петров.
Трансплантациите се вршеле во болница во Турција благодарение на фалсификувани документи според кои донорот и пациентот се во сродство.
Обвинителот кажа дека најмалку пет пациенти на тој начин добиле бубрег за трансплантација од февруари 2019 година. На списокот за чекање биле уште двајца пациенти и тројца потенцијални донори.
Пациентите плаќале меѓу 50.000 и 100.000 евра за трансплантација.
Донорите, главно невработени, сиромашни и во долгови, добивале од 5.000 до 7.000 евра по хируршката интервенција.
Вкупно 22 трансплантации на бубрези биле извршени годинава во Бугарија, додека на листата на чекање за пресадување се запишани 1.028 пациенти, соопшти бугарското министерство за здравство.