Регион 22. април 2020. / 17:45

Украдена заштитна опрема од Клиничкиот центар во Љубљана се продавала на интернет

Украдена заштитна опрема од Клиничкиот центар во Љубљана се продавала на интернет

Медицински одела, заштитни маски и средства за дезинфекција кои биле крадени од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана се продавале на интернет.

Словенечката полиција привела две лица за кои има сомневање дека ги ограбувале складиштата на медицинскиот центар. Веднаш бил направен и претрес во нивните домови, а локалните медиуми објавуваат дека во целата криминална мрежа се вплеткани и вработени во болницата.

Според информации на управата на Клиничкиот центар, овие кражби најверојатно траеле неколку недели, а вработените се посомневале во тоа затоа што резервите од заштитни материјали се трошеле побрзо од предвидувањето на надлежните.

Во меѓувреме Владата го разреши и директорот за стоковни резерви кој е во самоизолација поради корона вирусот, по обвинувањата на опозицијата за неправилности и скандалите кои ја пратеа набавката на заштитни маски за потребните на Словенија.